Автографт: трансплантат од сврзно ткиво и слободен гингивалeн трансплантат во пародонталната и имплантната хирургија

Автори

  • Жаклина Менчева ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“, Клиника за орална хирургија и имплантологија - Скопје, РС Македонија; Факултет за дентална медицина, МИТ Универзитет, Скопје, РС Македонија

ДОИ:

https://doi.org/10.3889/mmej.2025.6578

Клучни зборови:

автографт, сврзноткивен графт (CTG), слободен гингивален графт (FGG), коронарно поместен флап (CAF), латерално поместен флап (LPF), тунел техника, имплантна хирургија

Апстракт

Вовед: Работилницата е дизајнирана да обезбеди цврста теоретска и практична основа за препознавање, планирање и хируршко третирање на гингивалната рецесија како дел од современата пародонтална хирургија. Се разгледуваат етиопатогенезата и класификацијата на гингивалните рецесии според Miller, како и клиничката важност на гингивалниот биотип и присуството на кератинизирана гингива, особено при имплантна терапија и пародонтални дефекти.

Теоретски дел: Во теоретскиот дел се разгледува значењето на гингивалниот биотип и неговото влијание врз прогнозата и стабилноста на третманот. Детално се анализираат анатомските аспекти при земање слободен гингивален графт (FGG) и сврзноткивен графт (CTG), со акцент на релацијата со a. palatina и хируршките безбедносни параметри. Дополнително, се обработуваат принципите на мекоткивна аугментација во фронталната мандибула и се презентираат индикациите и оперативните протоколи за коронарно поместен флап (CAF), латерално поместен флап (LPF), тунел техника и VISTA-тунел техника. Се дискутираат потенцијални интра- и постоперативни компликации и стратегиите за нивно превенирање. Теоретскиот дел вклучува и демонстрација на техники за земање и апликација на автологни графтови, како и на напредни сутурални техники, меѓу кои двојна W-сутура и Sling-сутура, со цел обезбедување оптимална стабилност, интеграција и естетски резултат. Завршно се прикажуваат клинички случаи со анализа на изборот на техника, протоколот на третман и постигнатите резултати.

Практичен дел: Практичниот дел е структуриран во два последователни сегменти. Прво, на модел од модри домати се усовршуваат техники за земање FGG и CTG, со акцент на прецизност и контрола при харвестирање. Потоа, стекнатите хируршки вештини се применуваат на анимални модели (свински или јагнешки вилици), вклучувајќи дизајнирање CAF, апликација на графт и изведување на соодветни сутурални техники на донор и реципиентното место.

Заклучок: Работилницата овозможува систематско стекнување на теоретски знаења и практични способности за хируршка корекција на гингивалните рецесии. Комбинацијата на автологни графт-техники и соодветна флап- и сутурална техника претставува клучен елемент за успешна регенеративна и естетска пародонтална терапија.

##plugins.generic.usageStats.downloads##

##plugins.generic.usageStats.noStats##

Биографија на авторот

Жаклина Менчева, ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“, Клиника за орална хирургија и имплантологија - Скопје, РС Македонија; Факултет за дентална медицина, МИТ Универзитет, Скопје, РС Македонија

Mancheva

Прим. доц. д-р сци. Жаклина Менчева е родена во Скопје, Северна Македонија. Дипломирала на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во 1998 година, а од 2000 година работи на Клиниката за орална хирургија при ЈЗУ УСКЦ „Св. Пантелејмон“. Специјализацијата по орална хирургија ја завршува во периодот 2003–2005, а во 2012 година ја одбранила магистерската теза посветена на хируршки техники при импактирани мандибуларни молари. Во 2019 година се стекнува со звањето Примариус, а во 2022 година ја брани докторската дисертација за хируршки методи во третманот на мекоткивни дефекти во оралната хирургија. Таа е автор и коавтор на над 50 научни и стручни трудови, активен учесник на конгреси и симпозиуми и од 2014 година е лиценциран едукатор на специјализанти. Член е на повеќе професионални здруженија, меѓу кои Стоматолошката комора на Македонија и Европската асоцијација за дентална имплантологија.

Објавено

2025-11-20

Како да се цитира

Менчева, Ж. (2025). Автографт: трансплантат од сврзно ткиво и слободен гингивалeн трансплантат во пародонталната и имплантната хирургија. Македонско медицинско електронско списание, 5(MIT-FDM2025), 15–16. https://doi.org/10.3889/mmej.2025.6578

Слични трудови

<< < 1 2 3 

Можете исто така да започнате напредно барање на сличности за овој труд.