ЕНДОДОНТСКИ МАСТЕРКЛАС

Автори

  • Данчо Бизевски Нова Дентал Хирургија- Скопје, РС Македонија; Факултет за дентална медицина, МИТ Универзитет, Скопје, РС Македонија
  • Ристо Панајоту Ендомак дентал Груп (ЕДГ), Клинички оддел за ендодонција и реставративна стоматологија, Гевгелија, Република Северна Македонија

ДОИ:

https://doi.org/10.3889/mmej.2026.6884

Клучни зборови:

ендодонтска терапија, ендодонтска дијагностика, коренски канален систем, ендодонтска хирургија, постендодонтска реставрација

Апстракт

ВОВЕД: Ендодонтската терапија претставува комплексна клиничка процедура која бара систематски пристап, добро познавање на анатомијата и биологијата на коренскиот канален систем, како и правилна примена на современите дијагностички и терапевтски протоколи. Предвидливиот успех на третманот зависи од правилната дијагноза и планирање, соодветната изолација, механичката и хемиската обработка, ефикасната дезинфекција и квалитетната обтурација на коренските канали. Целта на курсот е преку интегрирана теоретска и практична обука да ги унапреди знаењата, мануелните вештини и клиничкото размислување на стоматолозите во современата ендодонтска терапија.

ТЕОРЕТСКИ ДЕЛ: Во теоретскиот дел ќе бидат обработени современите принципи на ендодонтската дијагностика и планирање, со анализа на анатомијата и морфологијата на коренскиот канален систем. Посебно внимание ќе биде посветено на примената на кофердам како стандард за изолација на оперативното поле и на принципите на дизајн и препарација на пристапниот ендодонтски кавитет. Ќе бидат разгледани современите системи за машинска обработка со континуирана ротација и реципрочен принцип на работа, протоколите за хемомеханичка обработка и иригација, како и современите техники на обтурација, вклучувајќи ја техниката со термопластична (топла) гутаперка. Дополнително, ќе бидат дискутирани причините за неуспех на ендодонтската терапија, пристапот кон комплицирани и неуспешни случаи, основните принципи на ендодонтската хирургија и планирањето на постендодонтската реставрација.

ПРАКТИЧЕН ДЕЛ: Практичниот дел е дизајниран за развивање и усовршување на мануелните и клиничките вештини преку демонстрации и практична работа на модели. Учесниците ќе практикуваат рационална препарација на пристапен кавитет, идентификација и морфолошка анализа на коренските канали, примена на ротирачки и реципрочни системи за машинска обработка, како и соодветни иригациски протоколи за ефикасна дезинфекција на каналниот систем. Практичната обука ќе опфати и подготовка на каналите за финална обтурација и примена на техники со термопластична (топла) гутаперка, со акцент на правилната техника, клиничката предвидливост и квалитетот на изведбата.

ЗАКЛУЧОК: Интегрирањето на современите теоретски принципи со практична обука овозможува развивање на систематски пристап, подобри мануелни вештини и поголема сигурност при изведувањето на ендодонтската терапија. Ендодонтскиот мастерклас има за цел да им овозможи на учесниците стекнатото знаење и практични вештини да ги применат во секојдневната клиничка пракса, со почитување на биолошките принципи и современите протоколи за постигнување предвидливи и долгорочни резултати.

##plugins.generic.usageStats.downloads##

##plugins.generic.usageStats.noStats##

Биографии на авторите

Данчо Бизевски, Нова Дентал Хирургија- Скопје, РС Македонија; Факултет за дентална медицина, МИТ Универзитет, Скопје, РС Македонија

mceclip0-6da5a180904423e332f47a5cfe7b4db9.png

Прим. доц. д-р сци. Данчo Бизевски е доктор по стоматолошки науки и специјалист по орална хирургија. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Професионалната кариера ја започнува во Одделението за орална и максилофацијална хирургија при Воената болница во Скопје, каде работи до 2010 година. Од 2011 година е дел од приватната здравствена установа „Нова Дентал Хирургија“ – Скопје, со фокус на орална хирургија и имплантологија. Специјализацијата по орална хирургија ја завршува во 2012 година, а докторските студии ги завршува во 2023 година со истражување за клиничка и компјутерска евалуација на вестибуларната коскена ламина во естетската зона. Во истата година се стекнува со звањето Примариус и е избран за доцент на Факултетот за дентална медицина при МИТ Универзитет – Скопје. Од 2025 година е продекан за наука и раководител на специјалистичките студии по имплантологија. Автор е на бројни трудови, активно учествува на домашни и меѓународни професионални настани и член е на повеќе стручни асоцијации во областа на стоматологијата и имплантологијата.

Ристо Панајоту, Ендомак дентал Груп (ЕДГ), Клинички оддел за ендодонција и реставративна стоматологија, Гевгелија, Република Северна Македонија

mceclip1-bab85824507dc8c572c84c1552ce1393.png

Др. спец. Ристо Панајоту е специјалист по ендодонција и реставративна стоматологија. Своето образование го стекнува на Стоматолошкиот факултет во Пловдив, а од 2009 година е дел од EDG (Endomak Dental Group), каде што е основач на Panajotu Endodontics – клиника специјализирана за микроскопска стоматологија и микроскопска ендодонција. Во 2018 година станува Silver Member на меѓународната група StyleItaliano. Како национален и меѓународен предавач учествувал на бројни конгреси и стручни настани, меѓу кои во Милано, Тирана, Поморие, Солун, Скопје и Атина. Има реализирано повеќе практични курсеви под покровителство на AADE и StyleItaliano Endodontics, со значителен број учесници. Активно е вклучен во научно-истражувачка работа и е докторанд во областа на ендодонцијата.

Објавено

2026-09-25

Како да се цитира

Бизевски, Д., & Панајоту, Р. (2026). ЕНДОДОНТСКИ МАСТЕРКЛАС. Македонско медицинско електронско списание, 6(MIT-FDM2026), 15–16. https://doi.org/10.3889/mmej.2026.6884

Слични трудови

1 2 3 4 5 > >> 

Можете исто така да започнате напредно барање на сличности за овој труд.