Макро и микродизајн на птеригоидни импланти: детерминирање на примарната и секундарната стабилност
ДОИ:
https://doi.org/10.3889/mmej.2026.6896Клучни зборови:
птеригоидни импланти, макродизајн, микродизајн, примарна стабилност, секундарна стабилност, осеоинтеграција, CBCTАпстракт
ВОВЕД: Птеригоидната имплантологија овозможува поставување и сидрење на имплантите во кортикалната коска на птеригоидниот продолжеток на клинестата коска (processus pterygoideus ossis sphenoidalis). Овој пристап претставува современа терапевтска опција кај пациенти со изразена атрофија на постериорната максила, овозможувајќи избегнување на обемни аугментативни процедури и создавање услови за функционално протетичко оптоварување. Клиничката оправданост се заснова на искористување на густата кортикална коска во птеригомаксиларниот регион, со што се овозможува постигнување соодветна примарна стабилност.
ЦЕЛ: Целта на предавањето е да се прикажат значењето и карактеристиките на макро и микродизајнот на птеригоидните импланти, како и факторите што влијаат врз постигнувањето и одржувањето на нивната примарна и секундарна стабилност.
СОДРЖИНА НА ПРЕДАВАЊЕТО: Ќе бидат разгледани современите концепти за планирање и поставување птеригоидни импланти, со посебен осврт на улогата на конусно-зрачната компјутеризирана томографија (CBCT) во проценката на коскениот волумен, густината и континуитетот на коскениот мост помеѓу максиларниот тубер, пирамидалниот продолжеток на палатиналната коска и птеригоидниот продолжеток на клинестата коска. Посебно внимание ќе биде посветено на определувањето на имплантната траекторија и должина, најчесто во опсег од 13 до 18 mm, како и на идентификацијата на анатомските структури со потенцијален ризик, вклучувајќи ја птеригопалатинската јама, големата палатинална артерија (a. palatina major) и максиларниот синус.
Примарната стабилност ќе биде разгледана од аспект на коскениот квалитет и дензитет, хируршката техника на препарација, односот помеѓу дијаметарот на имплантното лежиште и дизајнот на имплантот, како и неговиот саморежачки капацитет. Ќе бидат презентирани карактеристиките на имплантите со агресивен навој, поголема должина и соодветни механички својства, кои овозможуваат оптимален контакт со кортикалната коска. Ќе се дискутира и можноста за трикортикално сидрење, во зависност од анатомските услови и избраната имплантна траекторија.
Секундарната стабилност, односно осеоинтеграцијата, ќе биде разгледана преку интеракцијата помеѓу имплантната површина и околната коска. Посебен акцент ќе биде ставен на влијанието на макро и микротопографијата на имплантната површина, нејзините физичко-хемиски карактеристики, површинската слободна енергија и хидрофилноста врз процесите на заздравување и коскена интеграција. Ќе бидат разгледани и ендогените и егзогените фактори што влијаат врз коскениот метаболизам и ремоделирањето, вклучувајќи го општиот медицински статус, хормоналниот и метаболичкиот профил, пушењето, претходната радиотерапија и статусот на витамин Д и калциум..
ЗАКЛУЧОК: Успешноста на птеригоидната имплантација зависи од правилното предоперативно планирање, изборот на соодветен имплантен макро и микродизајн и оптималното постигнување примарна стабилност, проследено со успешна осеоинтеграција. Разбирањето на биомеханичките, анатомските и биолошките фактори е од суштинско значење за предвидливиот долгорочен клинички исход.
##plugins.generic.usageStats.downloads##
Преземања
Објавено
Како да се цитира
Издание
Секција
Категории
Дозвола
Авторско право(c) 2026 Daniela Veleska-Stevkovska

This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial 4.0 International License.


